Почитувани родители/старатели
Тажните и вознемирувачки случувања во соседството, предизвикаа вознемиреност и потреба да направиме нешто, да ги заштитиме и поддржиме децата и младите. Разбирливо е кај Вас да се јават чувства на несигурност, загриженост и недоумица како да разговарате со своите деца за кризната состојба. Во овој момент најважно е Вие родителите да бидете смирени, достапни за разговор и подготвени да го слушнете тоа што децата имаат потреба да го кажат или прашаат. Децата од различна возраст може да имаат прашања за сопствената добросостојба како и за добросостојбата на семејството.
Како можете да помогнете:
- Создадете чувство на безбедност– користете го своето слободно време со Вашите деца, разговарајте отворено и искрено со нив. Децата може да се загрижени за својата безбедност, затоа е важно да ги уверите дека училиштето и семејството ќе направат се тие да бидат безбедни и сигурни. Игрите кои им се омилени играјте ги заедно, одете на прошетки и реализирајте заедно вообичаени активности кои ќе им помогнат да се смират и да најдат утеха.
- Разговарајте отворено со своите деца за тоа што го мачи и загрижува – ова ќе им помогне да се чувствуваат безбедно. Најважно е внимателно да го слушате тоа што Вашите деца Ви го кажуваат. Одвојте време за разговор.Зборувајте со Вашите деца.Посебно после оваа трагична случка во Белград.Бидете уште поблиски со нив.Бидејќи сигурно страшно ги погодила и разбудила многу чувства во нив:гнев,страв,немоќ.Прашајте ги што знаат, што мислат и како се чувствуваат во врска со тоа. Молчењето и неодговорените прашања ја зголемуваат вознемиреноста на децата.
- Внимателно слушајте и бидете трпеливи, ценете го тоа што Ви го кажуваат децата.Прифатете ја потребата да разговараат, да прашуваат и да бараат одговори за тоа што ги вознемирува или не можат да го разберат. Не ги прекинувајте додека зборуваат, дозволете им да ги кажат своите мисли и идеи, охрабрете ги да поставуваат прашања. Тоа ќе им помогне да разберат што се случува.
- Разговарајте за чувствата – охрабрете ги своите деца да ги искажат своите чувства преку разговор, игра, цртеж. Вашите деца може да биде уплашени, збунети, вознемирени, зачудени.Покажете разбирање за тие чувства. Некои деца може да имаат главоболки, проблеми со заспивање и спиење, пореметувања со исхраната, проблеми со концентрацијата и извршување на секојдневните обврски.Овие реакции се очекувани и би требало да се повлечат за околу четири до шест недели (ако не се случи некој друг трауматски настан). Доколку овие реакции траат долго или се многу интензивни, побарајте стручна помош. За своите деца обезбедете доволно време, нежност и многу прегратки. Обидете се да ги покажете своите чувства низ разговорите со Вашите деца.Гледајќи ве Вас и тие ќе се отворат и ќе Ви кажат што се ги мачи,ќе побараат помош и ќе се чувствуваат посигурни и посилни.
- Водете грижа за себе! Не се исцрпувајте со постојано следење на вести и написи во медиумите. Најдете време да прошетате на чист воздух.Дозволете си барем 10 минути да ја слушнете вашата омилена песна или да испиете кафе во опуштена атмосфера. Бидете позитивен пример за своите деца. Тие од Вас учат како да реагираат во кризна ситуација.
- Побарајте помош доколку ви е потребна Вам или на Вашето дете. Ако сметате дека Вие или Вашите деца сте заглавени или преоптоварени со овие настани, побарајте стучна помош, побарајте вашиот матичен лекар да ве упати кај психолог.
- За консултации и прашања може да разговарате со училишниот психолог Гордана Несторовска (договорете средба на телефон 02 20 53 117).